Соопштение за медиуми - Граѓанскиот сектор бара избор на стручни и непартиски членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација

Скопје, 14.12.2020 –Единствено со избор на стручни, професионални и непартиски членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација ќе се подобри лошата состојба со дискриминацијата и кршењето на човековите права во државата, порачаа претставниците на граѓанскиот сектор на денешната јавна дебата, организирана од Здружението ЕСЕ. Настанот се одржа додека сè уште е во тек Јавниот оглас за избор на членови на комисијата, објавен од Собранието. Граѓанските организации ги повикаа пратениците да спроведат постапка за избор која ќе биде транспарентна и ослободена од какви било влијанија.

„Собранието мора да избере независни и професионални членови на КСЗД. Независноста на институцијата е клучен предуслов за унапредување на заштитата и спречувањето на дискриминацијата. Затоа при изборот пратениците мора да се водат од објективни и законски критериуми, а не од меѓупартиски договори. Согласно законот, членовите на комисијата мора да го отсликуваат целото општество односно минимум три членки да бидат жени, а доколку кандидатите ги исполнуваат условите, во комисијата да се изберат и лица со попреченост, Роми, ЛГБТИ лица“, изјави Драгана Дрндаревска од Мрежата за заштита од дискриминација.

Од Здружението ЕСЕ подготвија препораки за тоа како треба да функционира новата комисија по нејзиното формирање, со цел да се постигне ефикасна и ефективна борба против дискриминацијата во општеството.

„Непосредно по изборот на членовите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, неопходно е преземање низа предуслови за успешно спроведување на законот и зголемување на транспарентноста, отчетноста и ефективноста на комисијата. Формирањето стручна служба на комисијата односно вработувањето квалитетни и професионални кадри е првиот чекор кој треба да биде преземен“, вели Стојан Мишев од Здружението ЕСЕ.

На јавната дебата беше презентирано и видео преку кое своите сведоштва ги пренесоа лица кои се директно се соочиле со дискриминација.

„Најчесто дискриминацијата ја доживуваме од институции, и тоа институции кои треба да нè заштита и од насилство и од дискриминација. Често сме дискриминирани од Министерството за внатрешни работи, институција која треба да ја гледаме како поддршка, како заштита, но најчесто токму таму сме дискриминирани“, вели Моника, која десет години се занимава со сексуална работа и е граѓанска активистка која се бори за правата на оваа категорија лица.

Од Министерството за труд и социјална политика порачаа дека со новото законско решение се создадени предуслови за поефикасна борба против дискриминацијата во државата.

„Комисијата сега има обврска задолжително да постапува по сите претставки, што претходно не беше случај, па според достапните информации не се постапувало по 70 отсто од претставките. Исто така, задолжително ќе се поведуваат прекршочни постапки за непостапување по препораките на комисијата“, рече Ѓултен Мустафова, Раководител на Секторот за еднакви можности во Министерството за труд и социјална политика.

Република Северна Македонија речиси две години нема функционална Комисија за спречување и заштита од дискриминација. Во 2019 година, комисијата не беше формирана во законски предвидениот рок, а потоа Уставниот суд го укина тогашното законско решение. На тој начин настана правен вакуум, со што жртвите на дискриминација останаа без неопходната институционална заштита.

 

                                         

Програмата за работа на ЕСЕ за 2020 година е финансирана од Европската Унија.

Содржината на овој документ е во целосна одговорност на Здружението ЕСЕ и не ги одразува ставовите на ЕУ.