Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

 

Оцена на степенот на правна и судска заштита

 

Сексуално вознемирување и мобинг / Психичко и сексуално вознемирување

Работејќи на полето на насилство врз жените, нашиот фокус е насочен и кон добивање на првични сознанија во однос на  појавите на психичко и сексуално вознемирување врз жените на работното место.  Во оваа насока реализираме истражувачки активности што имаат за цел да ја утврдат застапеноста на појавите, но исто така да го утврдуват институционалниот одговор, односно формалното постапување на институциите во случаи на психичко и сексуално вознемирување на работното место.

Добиените сознанија и резултати од спроведените истражувања претставуваат надополнување на досегашниот вакуум и отсуство на политика и пракса на анализирање на овие појави во нашата држава. Воедно, развиените препораки ќе придонесат во насока на дефинирање на идните мерки и активности за градење на институционални капацитети, воведување на механизми за заштита, како и развивање на позитивна организациска култура во однос на вознемирувањето (психичко и сексуално) на работното место.

Во реализирањето на горенаведените активности соработуваме со организации, институции и синдикати чиј мандат на работење претставува сузбивање и превенирање на овие појави во нашата држава.

 

Проект на УСАИД за правна заштита на жените жртви на насилство

Преку активностите за обезбедување правна заштита на жените жртви на насилство и дискриминација, односно жртвите на семејно насилство, сексуално насилство, жртви на трговија со луѓе и насилство врз сексуалните работнички, овозможуваме тие да ја добијат потребната заштита и да ги остварат законски предвидените права.

Покрај анализата на законската рамка и можностите за нејзино унапредување, неодминлив дел од работата на ова поле претставуваат активностите за обезбедување податоци за начинот на постапување на судиите/судовите во граѓанските и кривичните постапки за заштита на жените жртви на насилство. Имено, во периодот 2015 – 2017 година, ЕСЕ својот фокус го насочи кон  мониторирање на  тековни судски предмети и вршење увид во завршени судски предмети за насилство врз споменатите категории на жени жртви.

Покрај обезбедувањето на овие податоци и идентификувањето на позитивни и негативни судски практики работиме и на јакнење на капацитетите на судиите за подобра имплементација на постојното законодавство за заштита на жените жртви на насилство, но и примена на меѓународните стандарди на ова поле, со фокус на стандардите предвидени во Конвенцијата за елиминирање на сите форми на дискриминацијата врз жената (КЕДЖ). Освен потребата за јакнење на капацитетите на судиите, неизбежно е потребно да се зајакнат капацитетите на здруженијата на граѓани, при што настојуваме тие да се стекнат со теоретски и практични знаења во однос на меѓународните и регионалните стандарди и механизми за заштита на женските права. Вака зајакнатите капацитети ќе придонесат кон обезбедување на сеопфатна и квалитетна правна заштита на жените жртви на насилство, како и преземање на заеднички акции за стратешко застапување на случаите на насилство на национално и меѓународно ниво.

Исто така, работиме и на зголемување на степенот на информираност на жртвите за природата и начинот на одвивање на судските постапки за заштита и им безбедуваме директна помош и поддршка на жените што се соочуваат со насилство.

 

Проект на УСАИД за граѓанско учество „Патеки за правда за жени кои претрпеле семејно насилство“

Во периодот 2017-2019 година продолжуваме со фокусирани напори да придонесуваме за подигнување на степенот на правна заштита за жените кои претрпеле семејно насилство. Со финансиска поддршка од Проектот на УСАИД за граѓанско учество го имплементираме проектот „Патеки до правда за жени кои претрпеле семејно насилство“ чија основна цел е зголемување на пристапот до правдата за жените кои претрпеле семејно насилство.

Во оваа насока, во периодот 2018/2019 година ќе продолжиме да спроведуваме судско набљудување, фокусирајќи се на кривични и граѓански судски предмети поврзани со семејно насилство. Преку оцена на судските постапки за заштита од семејно насилство ќе предложиме конкретни препораки за подобрување на постапувањето на судиите во предметите на семејно насилство.

Главните наоди од судското набљудување ќе ги искористиме за спроведување на продлабочени анализи  на одделни аспекти од судското постапување, по што заедно со судиите ќе преземеме активности за застапување насочени кон забрзување на потребните реформи. Во оваа насока ќе подготвиме  и поднесеме измени и дополнувања на постоечките закони, како и правила за постапување на судиите во предметите поврзани со семејно насилство.

За нас, од особено значење е континуираното обезбедување на бесплатна правна помош и психолошка поддршка за жените кои претрпеле семејно насилство. За одреден број на жени ќе обезбедеме и застапување од страна на адвокат во постапките кои ги водат пред надлежните судови. На ваков начин, паралелно со нашите напори насочени кон подобрување на судските постапки, ние ги охрабруваме жените кои претрпеле семејно насилство да го пријават насилството и да иницираат граѓанска или кривична судска постапка за нивна заштита.

 

 

Фискална Транспарентност

Човекови права во здравствена заштита

Семејно насилство 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар