Прес конференција и Јавна дебата на тема „Имунизација и превентивни здравствени услуги за децата Роми во Р. Македонија“

Граѓанските организации Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените на РМ - ЕСЕ, Центарот за демократски развој и иницијативи - ЦДРИМ, Здружението на просветни работници и заштита на правата на жените и децата – ЛИЛ, и НВО КХАМ, со финансиска поддршка од страна на Фондацијата Отворено општество – Македонија,на ден 24.04.2014 година во просториите на Мала станица во Скопје одржаа јавна дебата и конференција за печат на тема  „Имунизација и превентивни здравствени услуги за децата Роми во Р. Македонија“.

На јавната дебата граѓанските организации ги презентираа наодите од истражувањето на полето на мониторинг во заедницата  во периодот 2013-2014 година во општините: Ѓорче Петров, Сарај, Карпош, Шуто Оризари, Пехчево - с. Црник,  Делчево и Виница. Истражувањето беше спроведено помеѓу ромско  население во однос на опфатот на децата Роми со вакцинација, како и во однос на имплементацијата на мерките предвидени со превентивните програми на Министерството за здравство - Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата и Програмата за систематски прегледи. Наодите од истражувањето покажаа дека во периодот 2012 – 2014 година  се забележува тренд на подобрување на опфатот со вакцинација кај предучилишните деца, меѓутоа опфатот со вакцинација на децата на училишна возраст е на загрижувачки ниско ниво. Исто така, истражувањето покажа дека одредени активности од превентивните програми, кои се наменети за ромските средини, не се реализирани. Доследното спроведување на мерките предвидени во превентивните програми е од големо значење бидејќи од истите директно зависи:  опфатот со имунизација на децата Роми од 0 до 15 години, опфатот со здравствени услуги поврзани со вакцинацијата, опфатот со услугите од службата за патронажни посети, како и опфатот со теренските превентивни активности наменети за ромски средини.

На јавната дебата граѓанските организации побараа од Владата на РМ и Министерството за здравство да ги прифатат предложените мерки за зголемување на опфатот на децата од ромските заедници со имунизација и превентивни здравствени услуги.

На јавната дебата, покрај претставници од граѓанските организации и Фондацијата Отворено општество – Македонија, присуствуваа и земаа активно учество и претставници од ромската заедница, Ромски здравствени медијатори, како и претставници од јавните здравствени установи, вклучувајќи ги: Заводот за здравствена заштита на мајките и децата, Здравствен дом – Скопје (поликлиниките во Ѓорче Петров и Шуто Оризари) и  Центарот за јавно здравје - Скопје.

Дискусијата на самата јавна дебата ќе биде искористена со цел унапредување на препораките за зголемен опфат на децата Роми со вакцинација и нивно доставување до Министерството за здравство.

Наодите од истражувањето и препораките до Владата и Министерството за здравство може да ги најдете во публикацијата:

„Опфат на децата Роми со вакцинација и превентивни здравствени услуги: состојба, проблеми и решенија

Наодите во однос на состојбите прикажани по општини во форма на скор картички за оценка од заедницата можете да ги погледнете на следните линкови:

Општина Шуто Оризари

Општини Ѓорче Петров, Карпош и Сарај

Општини Делчево, Пехчево и Виница

Документарен филм Вакцините се уште недостапни за Ромите“

Снимка од Прес Конференцијата