Форум со судии и претставници на Министерство за правда

Здружението ЕСЕ на ден 16ти јуни 2022 година, со почеток од 12:00 до 15:00 часот  во Скопје  организираше средба со претставници на Министерство за правда и судии од основните граѓански судови, со цел дискутирање за постојната практика и можностите за поголемо искористување на правото на ослободување од судските трошоци и правото на бесплатна правна помош од страна на жените што претрпеле семејно насилство. На средбата присуствуваа  судиите Гордана Ролева Ќупева и Ирена Костадинова од Основен граѓански суд Скопје, судија Лидија Димова од Основен суд Велес, судиите Лила Цветаноска  и Андон Атанасов од основен суд Радовиш, Славица Жерајиќ, Сектор за правосудство во Министерство за правда, Весна Цекова, Оливер Давидовски  и Ремзи Беќири од Сектор за бесплатна правна помош во Министерство за правда, Фросина Стевановиќ, подрачно одделение на Министерство за правда во Куманово, Делфина Тодоровска и Стојан Мишев од Здружение ЕСЕ.

Предмет на дискусија беа граѓанските судски постапки кои вообичаено ги водат жените што претрпеле семејно насилство заради надминување на проблемот со насилството и решавање на поврзаните сензитивни правни проблеми, како што се постапката за изрекување на привремени мерки за заштита од семејно насилство, разводот на брак, издршката, старателството, делбата на имот и др.  Земајќи ја предвид неповолната финансиска состојба на жените, судското решавање на наведените проблеми на жените е директно условена од нивните финансиски можности и информираноста за видот и висината на судските такси и другите трошоци во постапката, како и од користењето на законските можности за ослободување од плаќање на овие трошоци.  Станува збор за одредбите за ослободување од плаќање на трошоци во постапката согласно Законот за парнична постапка[1] и користењето на секундарна правна помош согласно Законот за бесплатна правна помош[2].

Настанот се организира во рамките на проектот „Зајакнување на пристапот до правда за жените што претрпеле семејно насилство“ кој здружение ЕСЕ го спроведува со поддршка на шведската фондација Квина Тил Квина.

 


[1] Службен Весник на РМ, Бр. 10/276-1 од 14ти јануари 2011 година

[2] Службен Весник на РМ, Бр. 08/2895-1 од 16ти  мај 2019 година