Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

 

Организирање на обука за судски набљудувачи во периодот 06-07ми февруари 2018

Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените -  ЕСЕ во месец октомври оваа година започна со реализација на двегодишниот проект „Патот до правда за жени кои претрпеле семејно насилство“, финансиски поддржан од  Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Основна цел на проектот кој го спроведува Здружение ЕСЕ е подобрување на пристапот до правда за жените кои претрпеле семејно насилство, односно унапредување на кривичните и граѓанските судски постапки за заштита од семејно насилство.

Во рамките на  овој проект, во периодот 06-07 февруари 2018 година во Скопје во соработка со Коалиција Сите за правично судење организиравме обука за судски набљудувачи.  На обуката присуствуваа десет млади правници кои претходно беа селектирани со цел нивно вклучување во процесот на набљудување на судски предмети поврзани со семејно насилство. Обуката се организираше со цел јакнење на нивните знаења и вештини, односно оспособување да вршат набљудување на тековни судски рочишта и да ги собираат потребните податоци. Учесниците на обуката се информираа за природата и карактеристиките на семејното насилство, како и со законските можности за заштита. Притоа, фокусот беше ставен на граѓанските постапки за изрекување на привремените мерки за заштита и кривичните судски постапки кои се водат против сторителите на семејно насилство. На крај на обуката набљудувачите беа запознати со прашалниците за судско набљудување и начинот на пополнување на податоците при следење на судски рочишта.

Како обучувачи ангажиравме лица со долгогодишно искуство на ова поле, Катина Павловска, психолог во Завод за ментално здравје Скопје и ЦПП при ЕСЕ, Зора Треневска, судија во Апелационен суд Скопје и Стојан Михов, кривичен судија во пензија. Елена Наковска од Коалиција сите за правично судење  ги презентираше прашалниците кои ќе бидат основа за собирање на податоците од судските рочишта.

По завршувањето на обуката судските набљудувачи ќе бидат ангажирани за спроведување на судско набљудување во основните судови во следните градови во државата: Скопје, Битола, Штип, Тетово, Гостивар, Велес, Куманово, Прилеп и Радовиш.

 

 

Фискална Транспарентност

Човекови права во здравствена заштита

Семејно насилство 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар