Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

 

 

 

 

 

Средба за вмрежување во рамки на програмата CIVICA Mobilitas, 21-22 март, 2014 година

Во временскиот период 21-22 март, 2014 година во хотел Дрим, Струга се одржа средба за вмрежување на грантистите на програмата CIVICA Mobilitas во организација на Центарот за институционален развој – ЦИРа.  На средбата се одржа дебата на тема “Моменталните состојби и предизвици во развојот на граѓанскиот сектор  во РМ”, во чии рамки се дебатираше по однос на прашањето за влијанието на граѓанскиот сектор во креирање на политиките и решавањето на состојбите на општеството и прашањето за имиџот на граѓанскиот сектор, соработка и солидарност во работата на граѓанските организации.  Свои видувања по однос на состојбите за механизмите за граѓанско учество и вклученоста на граѓанските организации во донесување на одлуки на оваа средба даде Јасминка Фришчиќ, извршна директорка на ЕСЕ. Имено, таа говореше за состојбите по однос на вклученоста на граѓанските организации при донесување на одлуки на локално и национално ниво, односно на ниво на локална самоуправа, извршна и законодавна власт. Посебно беа дискутирани напорите и механизмите кои Владата на РМ ги презема со цел овозможување на учество на граѓанските организации при донесување на одлуки. При тоа со цел оценување на влијанието на граѓанските организации низ години беа користени оценките по однос на ова прашање презентирани во Индекс на оддржливост  на НВО на УСАИД. На крајот на дебата беа утврдени предизвиците со кои ќе се соочат граѓанските организации по однос на ова прашање во иднина.

 

По повод претстојните претседателски/парламентарни избори промоција на Декларацијата за осуда на говор на омраза и дискриминаторски говор кон жените, лезбејките, геј мажите, бисексуалците, трансродните лица и маргинализираните заедници

На ден 18.03.2014 година во ЕУ Инфо центарот беше промовирана потпишаната Декларација за осуда на говор на омраза и дискриминаторски говор кон жените, лезбејките, геј мажите, бисексуалците, трансродните лица и маргинализираните заедници. Потпишувањето на декларацијата е иницирано од страна на Коалицијата сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници, Хелсиншкиот Комитет за човекови права, ЛГБТИ Центар за поддршка, Акција Здруженска, ЕСЕ и националната мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата. Декларацијата ја потпишаа седум политички партии и тоа: Либерална партија, Либерално-демократска партија, Демократска обнова на Македонија, Демократски Сојуз, Нова социјалдемократска партија, Алијанса за позитивна Македонија и Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.   

Текстот на Декларација може да го најдете на следниот линк:

https://drive.google.com/file/d/0BwKypQ6wUcCgZnZtTUdtZkxmbHc/edit?usp=sharing

Повеќе...

Работилница за мониторинг и анализа на јавни приходи

Во периодот од 16 до 21 февруари 2014 година, пет претставници на Здружението ЕСЕ, присуствуваа на  петдневна работилница за мониторинг и анализа на јавни приходи. Обуката беше одржана во Берово и спроведена од страна на меѓународен експерт за мониторинг и анализа на буџети, Росио Морено Лопез, постојан соработник на здружението.

Работилницата се состоеше од два дела и тоа: теоретски и практичен ден. Во теоретскиот дел кадарот на ЕСЕ се здоби со знаење и вештини за  значењето и примената на пристапот за мониторинг и анализа на јавни приходи.  Покрај теоретскиот дел, Здружението ЕСЕ заедно со меѓународниот експерт разви стратегија за проширување на активностите на полето на мониторинг и анализа на здравствените буџети и воведување на анализата на јавните приходи во своето работење. Воедно на обуката беа дефинирани и конкретните делови од јавните приходи кои ќе бидат предмет на натамошна анализа.   

УПР работна средба

Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените на РМ – ЕСЕ, на ден 06 март (четврток), одржа заедничка средба со здруженија на граѓани, со цел разгледување на Нацрт извештајот на работната група на Универзалниот периодичен преглед и препораките кои нашата држава треба да ги прифати до месец јуни. Средбата е дел од иницијативата „Човекови права во здравствена заштита“ и финансиски е поддржана од Фондациите отворено општество од Њујорк и Фондацијата отворено општество – Македонија. Целта на оваа заедничка средба е постигнување на заеднички договор во насока на промовирање  и застапување за усвојување на дадените препораки на нашата држава во однос на заштита на правото на здравје.

Заедничката средба претставува продолжение на нашите досегашни заложби и работа во насока на унапредување на здравствениот статус на повеќе маргинализирани групи на население. Дел од овој процес претставуваше подготовката на Заедничкиот извештај за спроведување на правото на здравје кај повеќе ранливи групи на пациенти во рамки на механизмот (УПР – Универзален периодичен преглед), а кој беше доставен до Советот за човекови права при ОН.

На средбата присуствуваа следните здруженија на граѓани: Фондација Отворено Општество Македонија, Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“, Републички центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост - ПОРАКА, Х.Е.Р.А. Асоцијација за здравствена едукација и истражување, КХАМ Делчево, Отворена Порта – Ла Страда, Ромска организација за мултикултурна афирмација – РОМА СОС, Национален Ромски Центар и ЛГБТИ Центарот.

 Извор: Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените на РМ – ЕСЕ – 07.03.2014

 

Обезбедување на навремена и квалитетна услуга од страна на Службите за итна медицинска помош, како за Ромите, така и за сите граѓани на РМ

Неповолните социо-економски и животни услови, пропратени со бариерите во пристапот до здравствените услуги придонесуваат за понеповолен здравствен статус и пократок животен век на Ромите од  мнозинското население.  Според податоците од спроведеното истражување[1], 45% од мажите Роми и 64% од жените Ромки страдаат од хронични заболувања.

„Невзат,  е еден од 25000 Роми  кои страдаат од повеќе хронични заболувања (туберкулоза, бронхитис  и астма). Тој често има потреба од услугите на службата за Итна медицинска помош кои за него значат заштита на неговото здравје и живот. Но, службата за Итна медицинска помош  не одговара на секој негов повик„. 

Подготвеното видео ги илустрира бариерите со кои се соочуваат Ромите во пристапот до здравствена заштита, конкретно одбивањето на обезбедување на услугите од страна на службата за Итна медицинска помош. Главната цел која сакаме да ја постигнеме со петицијата е да се обезбеди навремена и квалитетна услуга од страна на Службите за итна медицинска помош, како за Ромите, така и за сите граѓани на РМ, на кои тоа им е потребно. Поради тоа, преку оваа петиција од страна на Министерството за здравство ќе го побараме следното:

- Подготовка и усвојување на унифициран тријажен протокол преку кој службите за Итна медицинска помош ќе утврдат дали треба да одговорат на барањата од граѓаните. Следењето на овој протокол ќе ја исклучи слободната процена на здравствените работници дали треба да одговорат на повиците.

- Аудио снимање на сите повици до службите за Итна медицинска помош и нивно долготрајно чување, на целата територија на РМ. Граѓаните на кои им било оневозможено правото на итна медицинска помош, оваа мерка ќе можат да ја искористат во понатамошните постапки за остварувањето на своите права.

Да се предвидат демографски стандарди за службите на Итна медицинска помош во мрежата на здравствени установи и да се изврши соодветно опремување на службите за Итна медицинска помош со кадар и опрема. Со ова ќе се овозможи навремена и квалитетна услуга на оваа служба на целата територија на РМ.



[1] Здравјето, здравствената заштита и влијанијата врз здравјето кај Ромите во Р. Македонија, Здружение ЕСЕ, 2008 година

 

 

Фискална Транспарентност

Социјална отчетност за родова еднаквост

Човекови права во здравствена заштита

Семејно насилство 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар