Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

 

 

 

 

 

Прва работна средба за подготовка на правила за постапување на судиите во предметите за семејно насилство

На ден 17ти мај во Скопје се организираше првата работна средба за подготовка на правила за постапување на судиите во граѓанските судски постапки за изрекување на привремени мерки за заштита (ПМЗ) од семејно насилство. Во процесот учествуваат претставници на Здружение ЕСЕ, граѓански судии од основните судови во Скопје, Тетово и Радовиш, како и поранешен судија од Апелационен суд Скопје. За време на првата средба детално беа дискутирани утврдените недостатоци во судските постапки од ваков вид, односно проблемите со кои се соочуваат жртвите при иницирањето на постапката во судот и решенијата за надминување на овие проблеми. Во периодот кој следи ќе бидат организирани уште две работни средби, по што подготвените правила за постапување ќе бидат предмет на пошироко разгледување и усвојување во рамките на основните судови.

Оваа активност е дел од проектот „Пат до правда за жени кои претрпеле семејно насилство“ кој Здружение ЕСЕ го спроведува со финансиска поддршка на Проектот на УСАИД за граѓанско учество.

Повеќе...

Обука за аниматори и фацилитатори од Ромската заедница кои ќе работат на интегрираниот пристап (Социјална отчетност и Правно зајакнување)

Во периодот од 10 до 13 април беше спроведена обука за аниматори и фацилитатори од ромската заедница кои ќе работат на интегрираниот пристап (социјална отчетност и правно зајакнување) со цел унапредување на здравјето и пристапот до здравствена заштита за ромското население од општината Шуто Оризари. Учесници на обуката беа претставници на неформална група на граѓански активисти од општината Шуто Оризари. На обуката беа опфатени следните теми: Здравје и право на здравје, Здравствен систем и финансирање на здравствениот систем, Здравје и здравствена заштита на мајките и децата, Женско и репродуктивно здравје и здравствена заштита поврзана со истото, Права од здравственото осигурување, Заштита на здравствените права и Остварување на право за пристап до информации од јавен карактер. Дополнително на учесниците им беа презентирани методологиите на социјална отчетност, вклучувајќи ги мониторингот во заедницата, мониторинг на буџети и социјалната ревизија, како и методологијата на правно зајакнување, односно обезбедување на параправна помош. По спроведената обука претставниците од неформалната група на граѓански активисти ќе започнат со работа во ромските населби во Шуто Оризари, применувајќи ги методологиите на социјална отчетност и правно зајакнување, со цел унапредување на пристапот до здравствените услуги за Ромите, со посебен фокус на жените, мајките и децата од ромските заедници.

Повеќе...

Работилница за јакнење на капацитетите на ЕСЕ на полето на родово буџетирање

Во текот на март, 2018 година  беше одржана работилница за родово буџетирање на која учествуваше персоналот на ЕСЕ Работилницата беше фацилитирана од страна на меѓународниот експерт  Debbie Budlenderи се одржа во Кејптаун,  Јужно Африканска Република.

На работилницата беа дефинирани целите и приодите за застапување и натамошните чекори на четирите полиња на кои работи ЕСЕ во областа на родово буџетирање: неплатена нега на тешко болни лица; бесплатна правна помош на жените жртви на семејно насилство; мониторинг и анализа на спроведувањето на кредитната линија одобрена од Банката за Развој на Советот на европа;  и мониторинг и анализа на постапките за јавни набавки водени во РМ за период 2016  - 2017 година.

Повеќе...

Трета обука за параправници 11-13 мај, 2018 год.

Во периодот 11-13 мај, 2018 година Здружението ЕСЕ ја спроведе третата обука за папаравниците кои обезбедуваат помош и поддршка на сиромашните и маргинализирани, односно на Ромското население, сексуалните работнички и текстилните работници. Вкупно, 30 папраправници од шест граѓански организации кои обезбедуваат ваков вид на помош и поддршка присуствуваа на обуката. Обуката преставува една од низата обуки кои во изминатите години се спроведуваат со цел унапредување на степенот на познавања и вештини со цел обезбедување навремена и соодветна   помош и поддршка на оние на кои им е потребна. На оваа обука поспецифично се говореше за прашањата на дискриминација, поим на кривично дело и одговорност, кривичните дела против животот и телото и вознемирувањето на работно место. Дел од обуката беше посветен и на практичните вештини на параправниците во однос на работата со лицата кои им се обраќаат за помош. Работата на случаи по однос на сите прашања кои беа опфатени на обуката им овозможија на учесниците теоретски стекнатото знаење да го применат на конкретни ситуации и со тоа да се стекнат и со специфични познавања по однос на прашањето на интерес, како и да ја унапредат меѓусебната соработка и комуникација. Обучувачи на оваа обука беа адвокатката Наташа Бошкова, поранешниот судија Стојан Михов и граѓанската активистка за еднакви можности на жените и мажите Дивна Змејковска. Обуките за папараправници се дел од континуираните активности кои ЕСЕ ги презема во рамки на Заедничката рамка за правно зајакнување, поддржани од Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Повеќе...

Работилница за анализа на влијанието на макроекономските политики врз уживањето на правото на здравје

Во периодот од 26 до 27 април 2018 година, Здружението ЕСЕ учествуваше на работилница за анализа на влијанието на макроекономските политики врз пристапот до здравствена заштита на мајките и децата од ранливите групи во РМ. Работилницата беше фацилитирана од страна на експертката Росио Морено Лопез, а на истата присуствуваа четири лица од ЕСЕ. За време на работилницата беа разгледувани и анализирани податоци за планирањето и спроведувањето на макроекономските политики во РМ, за периодот од 2011 до 2018 година, врз основа на спроведената анализа ЕСЕ со помош на експертката спроведе оценка на влијанието на политиките и подготви план за натамошна работа.

Повеќе...

 

Фискална Транспарентност

Социјална отчетност за родова еднаквост

Човекови права во здравствена заштита

Семејно насилство 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар