Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

 

 

Учество на годишна средба за судски мониторинг во Тбилиси, Грузија

Во периодот од 26 - 28ми ноември 2014 година во Тбилиси, Грузија се организираше годишна средба за мониторинг на судски случаи од страна на Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР) при Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ). Во име на Здружение ЕСЕ на настанот учествуваше Стојан Мишев, асистент на проектот на USAID за правна заштита на жените.

Годишната  средба за мониторинг на судски случаи е настан кој се организира секоја година, при што на истиот покрај претставници од мисиите на ОБСЕ од различни држави, учествуваат меѓународни организации и национални организации кои работат на полето на набљудување на судски случаи и унапредување на степенот на судска заштита на човековите права во своите општества. Настанот се организира со цел промовирање на концептот на судски мониторинг и размена на искуства помеѓу различните мисии и организации кои го спроведуваат истиот.   

Врз основа на претходното искуство на организацијата на ова поле, но и значењето на проектот на USAID за правна заштита на жените, претставникот на ЕСЕ ја модерираше тематската сесија која се однесуваше на мониторинг на судски предмети кои се однесуваат на родово засновано насилство и дискриминација.

Повеќе...

Втора работна средба за подготовка на формулари за набљудување на судски случаи (16.12.2014)

Како дел од проектот на УСАИД за правна заштита на жените, на ден 16.12.2014 година Здружение ЕСЕ ја организира втората работна средба за подготовка на прашалници за собирање на податоци од судовите и набљудување на судски случаи поврзани со насилство и дискриминација врз жените. Во процесот на подготовка на прашалниците се вклучени претставници од ранливите групи, граѓански и кривични судии, обвинители, адвокати, претставници од релевантни меѓународни организации, како и претставници на партнерските организации вклучени во проектот, ЛА СТРАДА и Коалиција за сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници.

Основна цел на овој тригодишен проект е подигнување на степенот на правна заштита на жените жртви на дискриминација и насилство во нашата држава. Собирањето на податоците за постапувањето на судиите во овие случаи ќе биде искористено за подготовка на анализа со препораки за унапредување на заштитата која се обезбедува од страна на судството и останатите релевантни институции на ова поле.

 

Обука за Здравство и Буџети – Модул 2

Обуката за Здравство и буџети наменета за граѓански организации од Република Македонија се одржа во периодот од 11 до 13 декември, 2014 година во хотелот Сириус во Струмица. Со завршување на вториот модул од обуката за Здравство и буџети, Здружението ЕСЕ го заокружи првиот циклус на обуки наменети за зајакнување на капацитетите на граѓанските организации од Република Македонија за примена на нови методологии за анализа и застапување во својата работа. Преку две континуирани тродневни обуки, искуствата им беа пренесени на вкупно 30 претставници од граѓанскиот сектор.

За време на вториот модул од обуката претставниците на граѓанските организации се запознаа со следните теми: техники и алатки за анализа на буџети, примена на методологијата за мониторинг во заедница и социјална ревизија, начин на користење и толкување на буџетските документи и податоци итн. На овој модул од обуката присуствуваа вкупно 26 учесници, од  14 граѓански организации.

Обуката ја спроведе Здружението ЕСЕ со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество Македонија  и Фондациите Отворено општество од Њујорк.

Обучувачи на обуката беа Дарко Антиќ, координатор за програмата за мониторинг и анализа на буџети од Здружението ЕСЕ, Борјан Павловски координатор на програмата за јавно здравство и женско здравје од Здружението ЕСЕ и Ванчо Велинов, економист од Институтот за јавно здравје на РМ.

 

Работилница „Стратешко застапување на случаи на прекршување на човекови права во здравствена заштита“

Во рамките на  проектот: „Човекови права во здравствена заштита“,на ден 30 октомври 2014 година, Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ,  одржа еднодневна работилница на тема: „Стратешко застапување на случаи на прекршување на човекови права во здравствена заштита”. Проектот е финансиски поддржан од Програмата за јавно здравство на Фондациите отворено општество од Њујорк и Фондацијата отворено општество Македонија.

На работилницата присуствуваа девет претставници од граѓански организации и организации за заштита на права на пациенти. Работилницата имаше за цел анализирање на претходно подготвени случаи на прекршување на здравствени права, односно ограничување или прекршување на правата на пациентите во однос на здравствена заштита, здравствено осигурување и права на пациенти.

На последователни работилници, наведените здруженија на граѓани ќе информираат за преземените административни или судски постапки, како и за искуството, односно исходот од преземените акции за заштита на прекршувања на здравствените права.

30.10.2014

Втор модул од обуката за “Здравство и буџети”, наменет за граѓански организации од РМ

Вториот модул од обуката за  “Здравство и буџети” наменет за претставници на граѓански организации од РМ ќе се одржи во периодот од 11 до 13 декември 2014 година во хотелот Сириус, Струмица. На обуката ќе присуствуваат 25 претставници од  14 граѓански организации од Р. Македонија.  На обуката ќе бидат обработени повеќе теми, како: алатки за анализа на буџети, техники за читање и мониторинг на буџети, останати методологии на социјална отчетност итн. Обуката ќе ја спроведат Дарко Антиќ, координатор за мониторинг и анализа на буџети од ЕСЕ; Борјан Павловски, координатор на програмата за јавно здравство и женско здравје и Ванчо Велинов, економист од Институтот за јавно здравје на РМ.

 

 

Фискална Транспарентност

Социјална отчетност за родова еднаквост

Човекови права во здравствена заштита

Семејно насилство 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар