Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

 

 

Ромската заедница се уште се соочува со проблеми при обезбедување на квалитетна, достапна и навремена здравствена заштита за жените и децата

Денес (07.04.2015) во Скопје ромската заедница во соработка со граѓанските организации Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените - ЕСЕ, Центарот за демократски развој и иницијативи - ЦДРИМ и НВО КХАМ,[1] побараа од Владата на РМ и Министерството за здравство да ги прифатат предложените мерки за зголемување на опфатот на децата од ромските заедници со имунизацијаи превентивни здравствени услуги, како и предложените мерки за зголемување на опфатот на жените Ромки со превентивни гинеколошки услуги.

Предложените мерки од страна на заедницата и граѓанските организации се базираат врз наодите од нивната долгогодишна работа во периодот 2011-2015 година во ромските заедници воопштините Шуто Оризари, Пехчево - с. Црник,  Делчево и Виница, која има за задача да го унапреди опфатот на децата Роми со вакцинација и превентивни здравствени услуги (посети од патронажна сестра, здравствено-едукативни работилници, дистрибуција на здравствено едукативен материјал и систематски прегледи за ученици и студенти), како и да ги унапреди опфатот на жените Ромки со превентивните гинеколошки услуги (скрининг за рано откривање на карцином на грло на матка). Податоците добиени преку теренската работа во заедницата и спроведените истражувања укажуваат дека и по 10 години од потпишувањето на Декадата за инклузија на Ромите од страна на Р. Македонија и усвојувањето на првиот Национален акционен план за здравство, Ромите се уште се соочуваат со низа на проблеми по однос на пристапот до здравствените услуги и остварување на правото на здравје.

Во однос на опфатот на децата Роми со вакцинација и превентивни здравствени услуги, кај децата на возраст од 0 – 6 години, опфатот со вакцини иако бележи пораст за разлика од 2012 година, се уште е понизок од националниот просек и се движи од 63% до 100% во горенаведените општини. Опфатот со вакцини на децата Роми на возраст од 7 – 15 години е на загрижувачки ниско ниво и се движи од 55% до 95%, што е далеку понизок од националниот просек. Жените Ромки во просек се посетени 2,6 пати од патронажна сестра, што е многу пониско од предвидените 9 (девет) посети за време на бременоста и една година по породувањето. Овие состојби се должат на: непосетување на училиште од страна на дел од децата Роми; недоволен број на патронажни сестри и возила за нормално функционирање на овие служби; неспроведување на здравствените едукативни настани на оваа тема во ромските заедници; недоставување на покани за вакцинација до ромските семејства; и несоодветни услови за нормално и непречено работење на здравствените домови и поликлиники.

Повеќе...

Промоција на Проектот на УСАИД за правна заштита на жените

На ден 31ви март во хотел Холидеј Ин во Скопје се организираше прес конференција за промоција на Проектот на УСАИД за правна заштита на жените. Основна цел на проектот е обезбедување на соодветна правна заштита на жените-жртви на насилство и дискриминација: семејно насилство, трговија со жени, сексуално насилство и сексуални работнички. Проекот на УСАИД за правна заштита на жените е тригодишен проект имплементиран од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ) во партнерство со Отворена Порта – Ла Страда и Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“.  Проектот е во согласност со меѓународните стандарди за заштита на човековите права и придонесува за унапредување на судските постапки за заштита на жените жртви и подигнување на јавната свест за последиците од злоупотребата на женските човекови права.

„Сите ние сме агенти на промените без разлика дали работиме на локално ниво во заедниците или како дел од поголема владина институција. Со заеднички напори можеме да ја подигнеме свеста, промениме ставовите и да ги заштитиме жртвите од секаков вид на насилство: физичко, емотивно, психолошко или финансиско“, изјави Мајкл Стивејтер, Директор на канцеларијата за развој на УСАИД.

Повеќе...

Втора работна средба за унапредување на активностите за скрининг на карцином на грло на матка од Програмата за рана детекција на малигни заболувања

Здружението ЕСЕ на 11 март 2015 година ја организираше втората по ред работна средба која има за цел унапредување на активностите за скрининг на карцином на грло на матка од Програмата за рана детекција на малигни заболувања. На средбата беа присутни Проф. Д-р Елена Ќосевска од Институтот за јавно здравје на РМ, Д-р Стефанка Перева од Институтот за јавно здравје на РМ, Д-р Снежана Георгиева Јаневска од Универзитетска Клиника за Гинекологија и акушерство, Д-р Емилија Трајковска гинеколог во примарна здравствена заштита, Прим. Д-р Весна Спирова од Центарот за јавно здравје на РМ, Д-р Душко Филиповски претседател на Здружението на приватни гинеколози и акушери на РМ, Борјан Павловски и Дарко Антиќ од Здружението ЕСЕ. На средбата беа идентификувани проблемите во имплементацијата на програмата и беа подготвени предлог решенија со цел за надминување на истите.

 

Заштита на повредите на правото на здравје пред Европскиот суд за човекови права

Здружение ЕСЕ на 05 Март  организираше еднодневна работилница на тема: „Заштита на повредите на правото на здравје пред Европскиот суд за човекови права“. Истата беше наменета за претставници на здруженија на граѓани кои се инволвирани и работат на пристапите на социјална отчетност и правно описменување со цел подобрување на здравствената заштита на Ромите. Работилницата имаше за цел зголемување на степенот на разбирање во однос на случаите кои се водат пред Европскиот суд за човекови права а се однесуваат на правото на здравје, како и поттикнување за користење на регионалните механизми за заштита на човекови права, со фокус на правото на здравје. На работилницата присуствуваа претставници на организациите: КХАМ, РРЦ, ЦДРИМ и Рома СОС.

Обуки за набљудувачи на судски предмети за насилство и дискриминација врз жените

Во текот на месец февруари Здружението ЕСЕ организираше циклус од две обуки за набљудувачи на судски предмети за насилство и дискриминација врз жените. Обуките се дел од проектот на УСАИД за правна заштита на жените, кој Здружението ЕСЕ го спроведува во партнерство со Ла Страда и Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници. Првата обука се организираше во периодот 11ти и 12ти февруари, додека втората обука беше организирана на 18ти и 19ти февруари.

На обуките присуствуваа 30 правници од Коалицијата Сите за правично судење кои во наредниот период од две години ќе бидат вклучени во набљудување на тековни судски предмети поврзани со семејно насилство, трговија со жени, сексуално насилство и предмети на сексуални работнички.

На присутните им се обратија Катина Павловска, психолог во Психолошкото советувалиште во ЕСЕ, Стојан Михов - судија од Основен суд Штип, Андон Атанасов - судија од Основен суд Радовиш, Даниел Митковски од Коалиција Сите за правично судење, Маја Варошлија од Државниот Центар за трговија со луѓе, Анета Трајковска - адвокат, Хајди Штерјова Симоновиќ - адвокат, Силвана Наумова и Воскре Наумоска Илиева од ХОПС. За време на обуките учесниците беа запознаени со природата и карактеристиките на семејното насилство, трговијата со жени, состојбата со сексуалните работнички,  како и со законските одредби, односно со кривичните и граѓанските судски постапки за заштита на жртвите на дискриминација и насилство. Исто така, беа запознаени со претходно подготвените прашалници кои ќе ги користат при следењето на тековни прекршочни, граѓански и кривични судски рочишта во основните судови.

Повеќе...

 

Фискална Транспарентност

Социјална отчетност за родова еднаквост

Човекови права во здравствена заштита

Семејно насилство 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар