Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

 

 

Обука за вербална и невербална комуникација за програмите за параправна помош

Во периодот 26-27ми мај во Скопје Здружението ЕСЕ организираше обука за вербална и невербална комуникација за програмите за параправна помош при ромските партнерски организации од Делчево и Шуто Оризари. Обуката беше спроведена од страна на надворешен консултат Славе Младеновски од Институтот 4Р и истата е дел од активностите кои ЕСЕ ги организира во насока на јакнење на капацитетите на локалните партнерски организации.

Заради проширување на обемот на работа пред организирањето на обуката, трите партнерски организации идентификуваа лица кои дополнително би се вклучиле во обезбедувањето на параправна помош и во останатите активности кои ги преземаат во локалните заедници на полето на унапредување на ромското здравје. На самата обука покрај постојните координатори и параправници присуствуваа сите лица кои беа идентификувани од страна на партнерките организации, вкупно 18.

Во однос на содржината со обуката беа опфатени принципите за комуникација, методите, вербална и невербална комуникација, како и практични вежби за комуникација со клиентите од локалните ромски заедници. 

 

Работилница за родово одговорно буџетирање - 2015

На почетокот од месец јуни, пет лица од Здружението ЕСЕ го посетија Cape Town и учествуваа на тридневна работилница за унапредување на работата на ЕСЕ во областа на родовото буџетирање. Оваа работилница е трета од низата на работилници кои ЕСЕ ги реализираше во соработка со меѓународен експерт за родово одговорно буџетирање, Деби Бадлендер. За време на  работилницата беа опфатени следните теми: трошоци за спроведување на различни пристапи за обезбедување на бесплатни ПАП тестови за жените од руралните и оддалечени средини; неплатена грижа за тешко болно лице; имплементација на ОРИО грантот; финансирање на стратегијата за семејно насилство; буџетска анализа од аспект на исполнување на економските, културните и социјалните права; бесплатна правна помош за жени жртви на семејно насилство и планирање на работата на ЕСЕ во областа на родово одговорно буџетирање за периодот 2015/2016 година.

 

 

Прилог за нетранспарентност на јавните институции

Пристапот до информациите од јавен карактер е право на секој граѓанин и претставува услов за одговорно и транспарентно работење на владините институции.

Транспарентното работење на јавните институции овозможува остварување на двонасочна комуникација (дебата) помеѓу отворена влада и информирана јавност во процесот на донесување на одлуки и имплементирање на јавните политики. Транспарентноста, меѓу другото, треба да овозможи јакнење на капацитетите на јавноста за разбирање на јавните политики и избори на владата и зголемување на кредибилитетот на одлуките на властите. 

Транспарентноста не се стекнува, туку се создава. Една држава ќе постигне високо ниво на демократско владеење тогаш кога вистински ќе ја оствари транзицијата од конзервативна кон отворена власт при што граѓаните ќе имаат можност да се запознаат со податоците во однос на тоа што прави државата со парите што тие ги инвестираат во неа. На тој начин граѓаните ќе бидат информирани како работат и што всушност работат нивните политички избраници и ќе можат да ги разберат одлуките што тие ги донесуваат, ќе можат да влијаат при нивното донесување, ќе учествуваат во нивното креирање и особено ќе стекнат доверба во власта  и ќе имаат чувство дека се рамноправни членови на општеството во кое живеат.

Голем број на истражувања кои го оценуваат квалитет на законската рамка за уредување на правото на пристап до информации од јавен карактер, покажуваат дека РМ се вбројува меѓу земјите кои имаат значително квалитетен Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Повеќе...

Работилница за стратешко планирање и комбинирање на методологиите за социјална отчетност и правно описменување и оспособување (втор дел)

Работилницата за стратешко планирање и комбинирање на методологиите за социјална отчетност и правно описменување и оспособување се одржа во периодот од 23 до 25 март 2015 година, во просториите на Здружението ЕСЕ. Оваа работилница е втора по ред работилница за планирање на процесот на спојување на активностите кои ЕСЕ во соработка со партнерските организации ги спроведува на полето на мониторинг во заедницата, социјална ревизија, буџетски мониторинг и параправна помош. Целиот процес на планирање се спроведува со помош на меѓународен експерт во оваа област, Волтер Флорес извршен директор на CEGSS (Center for Study of Equity and Governance in Health System), Гватемала и долгогодишен соработник на ЕСЕ. На работилницата присуствуваа претставници на ЕСЕ, НВО КХАМ и ФООМ. За време на работилницата беа разгледани активностите кои ЕСЕ и партнерските организации  ги спроведуваат во оваа област на работа, а воедно беа разгледани  и можностите за нивно спојување.

Ромската заедница се уште се соочува со проблеми при обезбедување на квалитетна, достапна и навремена здравствена заштита за жените и децата

Денес (07.04.2015) во Скопје ромската заедница во соработка со граѓанските организации Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените - ЕСЕ, Центарот за демократски развој и иницијативи - ЦДРИМ и НВО КХАМ,[1] побараа од Владата на РМ и Министерството за здравство да ги прифатат предложените мерки за зголемување на опфатот на децата од ромските заедници со имунизацијаи превентивни здравствени услуги, како и предложените мерки за зголемување на опфатот на жените Ромки со превентивни гинеколошки услуги.

Предложените мерки од страна на заедницата и граѓанските организации се базираат врз наодите од нивната долгогодишна работа во периодот 2011-2015 година во ромските заедници воопштините Шуто Оризари, Пехчево - с. Црник,  Делчево и Виница, која има за задача да го унапреди опфатот на децата Роми со вакцинација и превентивни здравствени услуги (посети од патронажна сестра, здравствено-едукативни работилници, дистрибуција на здравствено едукативен материјал и систематски прегледи за ученици и студенти), како и да ги унапреди опфатот на жените Ромки со превентивните гинеколошки услуги (скрининг за рано откривање на карцином на грло на матка). Податоците добиени преку теренската работа во заедницата и спроведените истражувања укажуваат дека и по 10 години од потпишувањето на Декадата за инклузија на Ромите од страна на Р. Македонија и усвојувањето на првиот Национален акционен план за здравство, Ромите се уште се соочуваат со низа на проблеми по однос на пристапот до здравствените услуги и остварување на правото на здравје.

Во однос на опфатот на децата Роми со вакцинација и превентивни здравствени услуги, кај децата на возраст од 0 – 6 години, опфатот со вакцини иако бележи пораст за разлика од 2012 година, се уште е понизок од националниот просек и се движи од 63% до 100% во горенаведените општини. Опфатот со вакцини на децата Роми на возраст од 7 – 15 години е на загрижувачки ниско ниво и се движи од 55% до 95%, што е далеку понизок од националниот просек. Жените Ромки во просек се посетени 2,6 пати од патронажна сестра, што е многу пониско од предвидените 9 (девет) посети за време на бременоста и една година по породувањето. Овие состојби се должат на: непосетување на училиште од страна на дел од децата Роми; недоволен број на патронажни сестри и возила за нормално функционирање на овие служби; неспроведување на здравствените едукативни настани на оваа тема во ромските заедници; недоставување на покани за вакцинација до ромските семејства; и несоодветни услови за нормално и непречено работење на здравствените домови и поликлиники.

Повеќе...

 

Фискална Транспарентност

Социјална отчетност за родова еднаквост

Човекови права во здравствена заштита

Семејно насилство 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар