Кои се компаниите кои им донирале на јавните институции за справување со COVID – 19 и во исто време оствариле приход од државата преку склучување на договор за јавна набавка

Во периодот кога нашата земја и целиот свет се соочува со огромен предизвик како што е пандемијата од корона вирусот, голем број граѓани, претпријатија и меѓународни организации преку различни  и филантропски активности  обезбедија на јавните институции донации на материјални и финансиски средства, а со цел да помогнат кога е најнеопходно. Повеќето донатори, заради јавен интерес и потребата да се сочува јавното здравје, своите донации во опрема и финансиски средства ги наменија и испорачаа до јавните здравствени установи како еден од клучните сектори за справување со епидемијата. Имено, во овој период, неспорно се покажа дека донациите претставуваат важен извор на средства за јавниот здравствен систем, медицинскиот персонал и пациентите.

Во РС Македонија (РСМ), донациите се регулирани со Законот за донации и спонзорства во јавни дејности, со кој јасно и прецизно се уредени предметот и целта на донациите во јавен интерес, со точно определени права и обврски за давателот и примателот на донацијата по однос на склучениот писмен договор за донација. Последователно на ова, а согласно законот, секоја донација за јавен интерес мора да е транспарента и достапна за пошироката јавност, со податоци за идентификација на донаторот, нејзиниот состав, финансиска вредност како и податок за целта и намената на донацијата. Во спротивно, доколку при контрола се утврдат неправилности и злоупотреба при користење на донацијата,  за прекршителите се предвидени парични казни.

Дополнително, за постигнување резултати во менаџирање со кризата и олеснувањето на постапката за донирање во здравствените установи,  Владата на РСМ во месец април 2020 година ја донесе Уредбата со законска сила за примена на Законот за донации и спонзорства во јавни дејности. Со оваа уредба за разлика од претходно, сите донации со цел сузбивање на COVID – 19 наменети за буџетски корисници не е потребно да се утврдува јавниот интерес, додека пак за донирање кон други субјекти, утврдувањето на јавниот интерес го врши Министерството за правда со  издавање на решение  по електронски пат. Имајќи во предвид дека во услови на пандемија во нашата земја е зголемен бројот на донации од домашни физички лица и претпријатија но исто така и од странки донатори и меѓународни организации, формиран е Фонд за поддршка со цел справување со корона кризата со тоа што примените донации  во пари,  се прибираат на наменските сметки на Министерството за здравство кои се ново отворени за оваа цел.

Во недостаток на податоци за поврзаноста и меѓусебното влијание на донациите и набавките, односно за  постоење на условеност помеѓу истите ја подготвивме оваа информација. Со неа се обидовме да дадеме одговор на прашањето, колку донациите се предуслов и основ за склучен договор за јавни набавки со што се овозможува донаторот да си го поврати донираниот износ.

Оваа информација  дава приказ на домашните компании кои донирале на јавните институции за справување со кризата предизвикана од COVID -19 и во исто време склучиле договор за јавни набавки со некоја јавна институција во периодот од 26.02.2020 до 26.06.2020 година. Во информацијата е содржана и висината на донираните средства и видот на донации наспрема висината на приходи од склучените договори за јавна набавка и видот на обезбедена стока/услуга.

Наодите презентирани во оваа информација се  базирани  на информациите објавени од Владата на Република Северна Македонија https://finansiskatransparentnost.koronavirus.gov.mk/#/home и во Електронскиот систем на јавни набавки (ЕСЈН) https://www.e-nabavki.gov.mk/PublicAccess/Home.aspx#/home.

 

Кои се компаниите кои им донирале на јавните институции за справување со COVID – 19  и во исто време оствариле приход од државата преку склучување на договор за јавна набавка