Проценка на состојбата по однос на сексуалното и репродуктивното здравје и права на населението во РМ

Истражувањето за сексуалното и репродуктивно здравје и права на населението има цел да ги анализира состојбите поврзани со сексуалното и репродуктивното здравје на жените и мажите во РМ, како што се знаењата, однесувањата и ставовите на населението, достапноста до здравствените услуги за сексуално и репродуктивно здравје, квалитетот на понудените здравствени услуги и задоволството од нив. Воедно истражувањето има цел да ги проучи детерминантите што влијаат врз репродуктивното здравје на населението во РМ.

Истражувањето претставува проспективна студија на пресек и беше спроведено во текот на 2009 и 2010 година, на репрезентативен примерок, составен од 2691 испитаници на возраст од 15 до 49 години од вкупно 8 статистички региони во Македонија, од кои 1346 испитанички жени и 1345 испитаници мажи. За двата примерока се користени стратификувани систематски примероци, каде што единиците на примерокот беа бирани во рамките на одредените страти по систематски пат.

Со анкетното истражување собравме податоци во однос на следните области:

- демографски и социоекономски карактеристики;

- сексуални односи, вклучувајќи ги податоците за првиот сексуален однос, сексуалното однесување и користењето на заштита во сексуалните односи;

- контрацепцијата, вклучувајќи ги податоците за знаењата на испитаниците во однос на контрацепцијата, користењето на контрацепцијата и факторите што влијаат врз него како и ставовите во однос на употребата на контрацепцијата;

- кондомите односно знаењата и ставовите на испитаниците во однос на употребата на кондомите, нивната употреба, како и факторите што влијаат врз користењето на кондомите;

- СПИ и ХИВ-СИДА, вклучувајќи ги знаењата и ставовите на испитаниците во однос на овие прашања;

- семејното планирање, вклучувајќи ги знаењата, ставовите и однесувањата на испитаниците во однос на семејното планирање како и однесувањата на испитаниците за време на склопувањето на првиот брак и основањето на семејството;

- грижата за време на бременоста, породувањето и постнаталната грижа, вклучувајќи податоци во однос на однесувањата на жените за време на нивната прва бременост, опфатот со здравствена заштита во првата бременост, задоволството на жените од добиените здравствени услуги за време на контролите и породувањето во првата бременост, опфатот со услугите на патронажната служба за време на првата бременост и по породувањето, однесувањата на жените за време на доењето на првото дете и однесувањата на мажите за време на првата бременост на нивните сопруги (партнерки);

- абортусот, вклучувајќи податоци за стапката на абортуси, здравствените услуги поврзани со абортусот како и знаењата и ставовите на жените и мажите поврзани со абортусот;

- здравствени услуги поврзани со репродуктивното здравје и репродуктивните права, вклучувајќи го опфатот на жените со матичен гинеколог, задоволството од здравствените услуги добиени кај матичен гинеколог, како и знаењата, ставовите и однесувањата на жените испитанички во однос на превентивните гинеколошки прегледи и превентивните прегледи на дојката.