Анализа за активна здравствена заштита на мајки и деца

Со цел да добиеме увид во имплементацијата на активностите предвидени со Програмата за активна здравствена заштита на мајки и деца за 2011 година, спроведовме анализа на степенот на спроведување на планираните програмски активности и финансиските средства предвидени за нивна реализација за периодот 01.01.2011 до 31.12.2011 година. Анализата се спроведе преку прибирање на јавно достапни информации, по пат на поднесување на 27 барања за пристап до истите. Барањата за пристап до информации од јавен карактер беа поднесени до Министерството за здравство на Република Македонија, додека одговорите на поставените прашања преку Министерството беа обезбедени од страна на надлежни здравствени институции. 

Анализата опфаќа обработка на прибраните податоци во насока на прикажување на планираните програмски мерки и средствата предвидени за нивна реализација наспрема спроведените програмски мерки и потрошените финансиски средства за нивна реализација. Потрошените финансиски средства за реализирање на активностите од Програмата се утврдени врз основа на спроведените програмски активности наведени во одговорите на надлежните институции и цената на чинење за секоја одделна активност наведена во буџетот на усвоената Програма. Со цел да се утврди ефективноста во спроведувањето на планираните активности насочени кон ромските заедници од Програмата за активна здравствена заштита на мајки и деца, со анализата беше следен и начинот на трошење на буџетираните средства опфатени со буџетот на Програмата, во насока на утврдување на процентот или износот на средства кои не се искористени, а со тоа и да се утврдат ставките т.е. активностите кои не се целосно реализирани. Наодите од оваа анализа се наоѓаат во првиот дел, односно под имплементација на Програмата за активна здравствена заштита на мајки и деца за 2011 година. 

Покрај тоа, даваме осврт и на предвидените активности во Програмата за активна здравствена заштита на мајки и деца за 2012 година со цел да утврдиме континуитет и заложба на Министерството во насока на зголемување на опфатот на ромските деца со вакцинација.

Во вториот дел на оваа анализа, односно финансиската анализа на Програмата за активна здравствена заштита на мајки и деца, се разгледува буџетот на истата за период од 2010 до 2012 година. Буџетот на оваа Програма го разгледуваме во однос на буџетот на Програмата за заштита и превенција, буџетот на Министерството за здравство и централниот буџет. Овој пристап го користиме со цел да го прикажеме учеството на буџетот на Програмата за активна здравствена заштита на мајки и деца во буџетот за превентивна здравствена заштита, буџетот на Министерството за здравство, односно централниот буџет. Покрај оваа споредба правиме и анализа на изворите на финансиските средства алоцирани за реализирање на оваа Програма, односно дали средствата доаѓаат од домашни или пак од странски извори на финансирање.

Анализа за активна здравствена заштита на мајки и деца