Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

Здравјето на Ромите и нивниот пристап до здравствената заштита од родов аспект

Досегашните истражувања и работата на терен укажуваат дека неповолните социоекономски и животни услови, проследени со бариерите во пристапот до здравствените услуги, придонесуваат за понеповолен здравствен статус на Ромите. Дополнително, имајќи ја предвид понеповолната положба на жените, а особено на жената Ромка во нашето општество, исклучително е важно да се истражи меѓусебното влијанието на полот врз повеќе параметри што се однесуваат на здравствениот статус, пристапот до здравствената заштита и остварувањето на здравствените права на мажите и жените Роми.

Имено, предмет на анализа во ова поглавје е влијанието на полот врз обемот, видот и врз квалитетот на користените здравствените услуги специфични за женската и машката ромска популација, притоа опфаќајќи ги здравствените услуги кај матичните лекари, здравствените услуги од итната медицинска помош и специјалистичката и болничката здравствена заштита. Дел од анализата ги опфаќа аспектите на пристап и квалитет на здравствените услуги, како и правата на пациентите мажи и жени Роми. Воедно е анализирано и влијанието на полот врз оценката за сопственото здравје, односно самопријавената здравствена состојба, акутните и хроничните заболувања на мажите и жените Роми.

Сите параметри во ова поглавје се анализирани преку споредба на ромското женско население (393 испитаници) и ромското машко население (298 испитаници).

Повеќе...

Што се случува со парите од холандскиот грант ОРИО наменети за унапредување на здравствената заштита на мајките и децата? Анализа на ОРИО проектот на Министерството за здравство на РМ

Здружението ЕСЕ од 2009 година во континуитет работи на полето на унапредување на здравствената заштита на мајките и децата и за таа цел до сега на  Министерството за здравство на Р. Македонија му има доставено повеќе предлог ‑ мерки за зголемување на опфатот на деца Роми со имунизација и превентивни здравствени услуги. Активностите на ова поле ЕСЕ ги спроведува во соработка со три ромски граѓански организации.

Имајќи го во предвид нашиот предмет на интерес и целта на проектот „Поставување на интегриран систем за здравствена заштита на мајките и децата за подобрување на здравствените исходи во Р Македонија“ спроведуван од страна на Министерството за здравство, подготвивме анализа на програмска и финансиска имплементација на истиот. Анализата имаше за цел да го утврди влијанието на овој проект во однос на унапредувањето на здравствената заштита на мајките и децата.

Поконкретно, овој проект е финансиран преку обезбеден грант од Кралството Холандија (грант ОРИО) и истиот има за цел да ги надмине следниве состојби на загриженост утврдени од страна на  Министерството за здравство:

– просечниот опфат со вакцинација во Р. Македонија изнесува приближно 95%,  што се смета за низок во однос на просекот во Европа, кој изнесува 100%. Најголемите проблеми со вакцинацијата во Р.  Македонија се јавуваат во сиромашните, ромските и руралните средини, каде што просекот на опфат е под 80%.

– Македонија, по стапката на раѓања, е втора во Европа, но со највисока стапка на перинатална и новороденечка смртност во Европа.

–  нивото на здравствена заштита во одделенијата за имунизација е под стандардите.

– во Р Македонија една патронажна сестра покрива 5.000 лица. Воедно, патронажните сестри имаат недоволно значење во домашниот здравствен систем и со соочуваат со недостаток на опрема и возила. 

Повеќе...

Анализа на постапувањето на судовите при изрекување на привремените мерки за заштита од семејно насилство

Основна цел на анализата на постапувањето на судовите при изрекување на привремени мерки за заштита од семејно насилство е да се утврди начинот на постапување на судовите и утврдување на потребата за унапредување во обезбедувањето на навремена и соодветна судска заштита  за  жртвите  на  семејно насилство.  Оваа  анализа  претставува дел од активностите на ЕСЕ на полето на превенција и заштита од семејно насилство со кои тежнееме да го зголемиме степенот на ефикасност и одговорност во постапувањето во судските случаи на семејно насилство,  како  и  зголемување  на  степенот  на информираност  и  запознаеност на јавноста во однос на ова прашање.

За  оваа  цел  ЕСЕ  изврши  набљудување  и  увид  во  судски  постапки/предмети и спроведе фокус група со жени - жртви на семејно насилство. Дополнително, наодите од анализата беа предмет на дискусија на неколку индивидуални средби и еден заеднички форум со претставници на основните судови каде што го спроведовме набљудувањето и увидот.

Анализа на постапувањето на судовите при изрекување на привремените мерки за заштита од семејно насилство

 

Водич за привремени мерки за заштита од семејно насилство

Водичот е наменет за жртвите на семејно насилство на кои им е потребна помош и поддршка за да го прекинат животот во насилство. Првенствено тој е наменет да обезбеди детални информации за постапката за изрекување на привремени мерки за заштита од семејно насилство, како и информации за поддршката и ресурсите што ви стојат на располагање по пријавување на насилството. Во таа насока овој Водич содржи краток и јасен опис на чекорите кои жртвата треба да ги преземе при поведувањето, текот на постапката и изрекувањето на привремените мерки за заштита од семејно насилство од страна на судот. Дополнително, во Водичот се обезбедени основни информации во однос на кривичните постапки што се поведуваат против сторителите на семејно насилство и што е најважно, опишан е начинот на подготовка на личен план за безбедност и планирање на чекорите кои треба да ги преземете во случај на опасност по вас и вашите блиски.

Водич за привремени мерки за заштита од семејно насилство

 

Сите сме луѓе: Секому здравствена заштита без разлика на етничката припадност

Потребата од подготовка на основна студија за здравствената состојба на ромското население, здравствените  детерминанти  и  пристапот  до  здравствената  заштита,   почитувањето  на човековите права во здравствената заштита и усогласеноста на домашното законодавство со  меѓународно  утврдените  стандарди  за  почитување  и  спроведување  на  здравствените права, произлезе од недостатокот на овие релевантни податоци.

Ромското  малцинство  во  РМ  е  маргинализирано  по  повеќе  основи  и  живее  во понеповолни социоекономски услови за разлика од другото население. Непостоењето на здравствена статистика сегрегирана по национална припадност, како и недостигот на истражувања спроведени од страна на државните институции, резултираше со состојба каде што податоците за овие состојби помеѓу ромското население се црпат од поединечни сознанија добиени на терен и делумни истражувања (по  обем  и  предмет)  на  граѓанските  организации.  Поради  тоа  Здружението  ЕСЕ,  со  поддршка  на Фондацијата  Отворено  општество  –  Македонија  и  Фондациите  Отворено  општество  –  Њујорк, пристапи кон подготовка на основна студија за ромското здравје што ќе овозможи обезбедување на податоци врз основа на кои во иднина ќе можат да се следат и да се споредуваат состојбите во однос на прашањето за ромското население во Република Македонија.

Основната студија се заснова на податоци добиени преку преглед и анализа на достапни релевантни документи, како и спроведено теренско истражување на примерок од ромско население и население од другите етнички групи што живеат во близина на ромското население.

Сите сме луѓе: Секому здравствена заштита без разлика на етничката припадност

 

 

Фискална Транспарентност

Социјална отчетност за родова еднаквост

Човекови права во здравствена заштита

Семејно насилство 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар