Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

Право на здравје и заштита на права на пациенти

Здравјето е основно човеково право кое е неопходно за уживање на останатите човекови права. Секое човечко суштество има право на уживање на највисокиот достапен стандард на здравје, кој придонесува кон достоинствен живот.

Правото на здравје е признато во бројни меѓународни инструменти. Универзалната декларација за човекови права потврдува:  „Секој има право на стандард на живот кој е соодветен на неговото/нејзиното здравје и на неговото/нејзиното семејство, вклучително и храна, облека, домување и медицинска грижа и неопходни социјални услуги“.  Во меѓународното право за правата на човекот, правото на здравје најсеопфатно е уредено со Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права. Согласно со член 12.1. од Пактот, државите‑членки го признаваат „правото на секој да ужива највисок достапен стандард на физичко и ментално здравје“, додека пак во член 12.2. се наброени одреден број „чекори што треба да ги преземат државите‑членки ... за да постигнат целосно остварување на ова право“. Покрај тоа, правото на здравје се признава, меѓу другото, со Конвенцијата за елиминирање на сите форми на расна дискриминација, Конвенцијата за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жените, Конвенцијата за правата на детето, Европската социјална повелба, Африканската повелба на човекови и народни права и Дополнителниот протокол кон Американската конвенција за човекови права во областа на економските, социјалните и културните права и др.

И покрај низа значајни постигнувања и континуирани напори за унапредување на меѓународното и националното ниво,  уживањето на правото на здравје сè уште е недостижно за одредени категории на лица. Според видувањата на Специјалниот известувач на ОН за правото на физичко и ментално здравје, „интеракцијата на многумина со здравствените установи и давателите на здравствени услуги е проследена со дискриминација, злоупотреба и со прекршување на основните права“, односно постои потреба од запознавање и информирање на пациентите и здравствените работници за препознавање и применување на човековите права при обезбедување на здравствени услуги, како и градење на однос на еднаквост и почитување помеѓу пациентот и здравствениот работник, односно елиминирање на факторите што можат да водат кон ограничување и нарушување на правото на здравје.

Неодминлив дел од остварување на правото на здравје се правата на пациентите. Под права на пациентите се подразбираат права, одговорности и должности според кои поединците бараат и примаат здравствена заштита. Човековите права во здравствената заштита пак, ги подразбираат сите права признати со меѓународните документи, кои се релевантни за обезбедување на здравствената заштита. Всушност, тие се од непроценливо значење за обезбедување на квалитетна и соодветна здравствена заштита, согласно на највисокиот можен стандард. Но, човековите права во здравствената заштита не упатуваат само на правата на пациентите туку и на стандардите во обезбедување на заштита што подеднакво ги засегаат здравствените работници и општеството во целост. Заложбите за правата на пациентите е резултат на глобалното движење за повикување на одговорност на државите и здравствените работници во обезбедување пристап до квалитетна здравствена заштита.


Што правиме ние

Човекови права во здравствена заштита

Работиме на зголемување на степенот на свесност и запознаеност на практичарите (правниците, здравствените работници и соработниците), пациентите и претставниците на граѓанските организации за заштита на правото на здравје. Истовремено работиме и на зајакнување на нивната соработка на ова поле и придонесуваме кон зголемување на можностите за преземање и иницирање на случаи за заштита на ова право. Овие активности ги преземаме преку организирање на обуки,  преку подготовка на едукативни материјали и обновување на содржините на Прирачникот за практичари – Човековите права во здравствената заштита.

Секојдневно се  трудиме да ја запознаеме јавноста со најновите вести од областа на здравствената заштита во земјата и во светот преку информациите што ги нудиме на тематската страница за заштита на права на пациенти – www.healthrights.mk. Во просек месечно до оваа страница пристапуваат над 400 корисници.

Го следиме степенот на спроведување на правото на здравје преку подготовка и поднесување на извештаи кон соодветни меѓународни институции и тела. Спроведуваме и анализа за степенот на спроведување на Законот за заштита на права на пациенти на РМ, при што ги идентификуваме потребите и мерките за унапредување на состојбите во однос на ова прашање.

 

 Обезбедување на параправна помош на Ромите во општина Делчево и Шуто Оризари

Во соработка со три ромски граѓански организации овозможуваме зголемен пристап на ромското население до остварување и заштита на правото на здравје. Заеднички работиме на зголемување на степенот на запознаеност и разбирање меѓу Ромите за правото на здравствена заштита, здравственото осигурување и заштита на правата на пациенти. Преку континуирани обуки, подготовка на прирачник и други помошни материјали ги градиме капацитетите на параправниците и партнерските организации за соодветна и навремена помош и поддршка на ромското население.

Работејќи на задоволување на потребите на ромското население ги утврдуваме состојбите, мерките и активностите што треба да се преземат за да се унапредат. Преземаме засилени активности за застапување за спроведување и заштита на здравствените права на Ромите преку континуирана и зајакната комуникација и соработка со надлежните институции на локално ниво.  Во општините Шуто Оризари и Делчево во текот на 2011 и 2012 година параправниците обезбедија параправна помош и поддршка во 587  поединечни случаи.

Во спроведување на овие активности соработуваме со: Центарот за демократски развој и иницијатива „ЦДРИМ“, Шуто Оризари, Хуманитарното и добротворно здружение на Роми „КХАМ“, Делчево и Ромскиот ресурсен центар – „РРЦ“, Шуто Оризари.

Јас, Сазије, сум обична жена која се соочува со секојдневните предизвици на животот во Делчево. Во јуни 2011 година отидов во општина Делчево и на излегување од општинската зграда паднав и си ја повредив раката. Од матичниот лекар бев упатена на специјалист во болницата во Кочани. По прегледот од специјалистот  ми беше поставена дијагноза и бев упатена на терапија, односно беше потребно да ми се постави гипс на раката. Иако чувствував болка во рамото, гипсот ми беше поставен на подлактицата. За жал со текот на времето болката наместо да се намалува, таа се зголемуваше. Затоа отидов на преглед  кај специјалист во Штип којшто ми кажа дека повредата е погрешно третирана и дека раката мора уште еднаш да се крши и повторно да се постави гипс. Не можам да опишам низ какви сè премрежиња и понижувања поминав. За разрешување на ситуацијата се обратив до граѓанската организација КХАМ бидејќи параправниците претходно нè посетија во нашиот дом и ни кажаа дека доколку имаме каква било потреба од помош и поддршка во врска со остварување на здравствени потреби можеме да се обратиме кај нив. Тие ми изготвија претставка до општинската Комисија за унапредување на правата на пациентите. За жал од таму многу не ни помогнаа. Ова уште повеќе ме увери дека треба да продолжам да ја барам правдата. На мое барање со помош на КХАМ започнавме судска постапка за надомест за штета. Благородно е тоа што го прават параправниците. Но, тие не ми помагаат само мене, слушам дека помагаат и на многу други Роми во врска со пополнување на документи за здравствено осигурување, преговараат со здравствените институции, па дури и ги придружуваат Ромите до нив“.

Изјава на Сазије Фазлијевиќ, корисничка на параправна помош и поддршка во организацијата КХАМ – Делчево.