Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

Наши идни определби...

Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ  од 1995 година работи на унапредување на социјалната и економската правда во областа на здравствените права (женско здравје, здравје на Ромите и права на пациентите) и еднаквите  можности на жените и мажите, преку обезбедување директна помош, застапување за унапредување на законите и политиките, како и документирање и пријавување на случаите на прекршување на човековите права.

ЕСЕ претставува организација што има јасна визија и мисија и постепено се развива повеќе од две децении. ЕСЕ континуирано истражува можности за примена на нови концепти и методологии во својата работа. Во последните шест години, само во областа на здравството, Здружението започна со примена на неколку концепти што се сметаат за нови и иновативни дури и на глобално ниво, како што се: мониторинг и анализа на буџети; мониторинг на заедницата; параправна помош и поддршка на ромската заедница итн. ЕСЕ ги применува новите концепти и методологии за да ја унапреди реализацијата на човековите права, особено здравствените права, и да ја унапреди транспарентноста и отчетноста на националните и на локалните институции и установи од областа на здравството и здравствената заштита. ЕСЕ успешно ги комбинира и ги користи наодите добиени преку различните методолошки пристапи со кои им помага на маргинализираните групи соодветно да ги артикулираат своите потреби, односно води до спроведување на ефективни стратегии за застапување. ЕСЕ не ги ограничува своите напори за застапување само на национално ниво, туку слободно се впушта и во застапување пред различни меѓународни тела што се одговорни за спроведување на меѓународните документи за  правата на човекот преку подготовка на извештаи во сенка и други видови поднесоци.

Кога станува збор за капацитетите, треба да се нагласи дека ЕСЕ има мултипрофесионален тим што поминува низ процес на континуирано јакнење на своите капацитети. Покрај јакнење на сопствените капацитети, се работи и на јакнење на капацитетите на другите граѓански организации преку обуки и обезбедување техничка помош. ЕСЕ, исто така, членува и во повеќе мрежи на национално и на меѓународно ниво.

Во претстојниот период, односно од 2017  до 2020 г., ЕСЕ ќе работи на постигнување на следните специфични цели: вградување на принципите на максимално расположливите ресурси (анализа на тоа како монетарната и фискалната политика, задолжувањето и развојната помош влијаат врз состојбите во здравството), прогресивна реализација и недискриминација предвидени со Член 2 на Меѓународната повелба за економски, социјални и културни права на ОН, како основа при подготовка и спроведување на здравствениот буџет; зголемување на степенот на мобилизирање и учество на граѓаните во планирање, мониторинг и оценување на спроведување на здравствените политики преку проширување на примената на методологиите на социјална отчетност (мониторинг и анализа на буџети, мониторинг во заедницата и социјална ревизија) и известување пред меѓународните одговорни тела за правата на човекот (соодветно на распоредот за известување на државата).