Информација за медиуми по повод Светскиот ден за борба против карциномот, 04 февруари 2015 година

Светскиот ден за борба против карциномот оваа година се спроведува под слоганoт Сите не засега и има за цел да промовира позитивен и проактивен пристап во борбата против карциномот, притоа потенцирајќи дека карциномот може да се надмине. Светскиот ден за борба против карциномот претставува можност за зголемување на свесноста на индивидуално ниво, на ниво на заедница, како и на владино ниво, со цел да се мобилизираат потребните ресурси и да се поттикне позитивна промена.

Овогодинешната кампања се фокусира на: избор на здрави животни стилови, обезбедување на можности за рано откривање, пристап до лекување за сите и унапредување на квалитетот на живот.

Една од областите во кампањата за 2015 година е промовирање на раната детекција како клучна мерка во борбата против карциномот. Според Светската декларација за карцином и Глобалниот акциски план за превенција и контрола на хроничните незаразни заболувања 2013 – 2020, секоја земја треба да обезбеди скрининг на населението за рана детекција на карциномите за кои постојат скрининг методи, вклучувајќи ги и карциномот на ракот на грлото на матката и карциномот на дојката. Со воведување на овие методи значително ќе се намали стапката на смртност предизвикана од овие карциноми.

Владата на РМ секоја година усвојува Програма за рана детекција на малигни заболувања која е сочинета од следните  компоненти: скрининг за карцином на грлото на матката, скрининг за карцином на дебелото црево, скрининг за карцином на простата и скрининг за карцином на дојка. И покрај тоа предвидените активности за рано откривање на карцином на дојка не се спроведуваат, а во последната година (2014) активностите не се соодветно планирани, во смисла дека не се наведени: целната популација на жени, периодот на поканување на жените и извршителите на програмата.

Во однос на скринингот за рано откривање на карцином на грлото на матката и покрај тоа што постои организиран скрининг, евидентирани се повеќе недостатоци. Не постои координацијата помеѓу различните институции извршители на скрининг на програмата и не се води соодветна здравствена статистика преку која можат да се следат состојбите поврзани со малигните неоплазми во РМ и да се процени успешноста на самите скрининг методи. Исто така, програмата за скрининг е предмет на чести измени (најмалку два пати годишно) со што се губи континуитет во спроведување на планираните активности.   

Ваквите состојби во однос на скринингот на двата карциноми делумно се резултат на фактот што не се одвојуваат доволно финансиски средства за имплементацијата на планираните активности.

Во Р. Македонија годишно во просек од карцином на дојка умираат 277 жени, а од карцином на грло на матка умираат 30 жени, иако и двата вида на карцином можат навремено да се откријат и да се излекуваат.

Поради тоа ги повикуваме надлежните институции во Р. Македонија да одвојат доволно средства и да подготват и усвојат програми за скрининг на карцином на дојка и на карцином на грло на матка соодветна на потребите во Р. Македонија со што би се намалила стапката на смртност од овие карциноми и би се унапредило здравјето и квалитетот на животот на жените во Р. Македонија.

Информација за медиуми по повод Светскиот ден за борба против карциномот, 04 февруари 2015 година