16 дена активизам - Жртвата има женско лице

Дека за насилството многу се зборува и малку се знае укажуваат секојдневните пресуди од опкружувањето кои се однесуваат на жртвата на семејно насилство, како: „подобро не ни заслужила кога трпи“, „кој и е крив кога не сака да си оди“, па и такви:„Јас не разбирам зошто страдаат“...

Дали воопшто некогаш сте пробале да ги разберете? Дали сте се прашале како им е секој ден да го поминуваат во страв молејќи се да ја преживеат ноќта? Дали некогаш ќе престанете да осудувате за туѓата болка?!  Зарем детството нè учи дека насилството е нормално?!

Знаете ли дека во период од 8 години убиени се 70 жени во земјава, 51 од нив се жртви на фемицит, а 80% од истите се убиени од својот парнер?!

Која е цената на животот? Овие девојки и жени животот го живеат во страв. Страв за сопствениот живот, страв за животот на нивните деца, нивните блиски. Страв од тоа што нема каде да отидат и кому да се обратат. Страв од вашата осуда. Знаете ли како е кога некој ви го загрозва вашиот телесен интегритет, душевното здравје и спокојството?

Но и покрај се храбри, во нивното трошно тело се собрала сета сила на светот. Сила да прават „пируети“ низ домот за да не се повтори насилството. Сила секојдневно да се потчинуваат за агонијата да престане.

Зошто ова го пишувам и зошто сакам да биде прочитано? Затоа што наша обврска не е да судиме, туку да ги разбереме, да ги заштитиме жртвите и да им помогнеме да си изградат побезбедна иднина, да ги повикаме извршителите на одговорност на начин што ќе го измени нивното однесување, и да работиме пред сè на тоа да спречиме семејното насилство воопшто да се случи.

Затоа алармираме да одбереме крај, крај за секоја една. Доста е од удари.

View the embedded image gallery online at:
http://www.esem.org.mk/en/index.php/what-we-do-now/2929-16-dena-aktivizam-zrtvata-ima-zensko-lice.html?tmpl=component&print=1&layout=default&page=#sigFreeIdc91e92ac04