Секој граѓанин има право на вработување и пристап до пазарот на трудот

МКЦ – Битола во рамките на иницијативата „Активни заедници за социјални промени” користејќи ја методологијата за социјална отчетност направи мониторинг и оценка од заедницата на планирањето и имплементацијата на три селектирани активни мерки за вработување (Самовработување, Македонија вработува – субвенционирано вработување и Услуги за вработување на АВРМ) за 2017 и 2018 година.

Согласно меѓународните и националните стандарди со кои се уредува полето на вработување, секој граѓанин има право на вработување и на пристап до пазарот на трудот. Правото на вработување на секој граѓанин го гарантира државата во која тој живее преку спроведување на активности и воведување на политики и мерки што ќе им овозможат на сите граѓани да имаат пристап до пазарот на трудот и да бидат вработени, особено на граѓаните од маргинализираните заедници.

На панел дискусија освен презентирањето на резултатите од мониторингот се дискутираше и на темата „Политики и иновација: Младите на пазарот на трудот“ преку која учесниците се запознаа со претстојните политики за вработување, со посебен акцент на младинската гаранција, а беа отворени и други значајни теми како важноста на средното стручно образование, практичната работа, претприемништвото и социјалните иновации.

На настанот учествуваа 33 претставници на граѓански организации со искуство и интерес за работа во полето на младинската невработеност, креатори и спроведувачи на политики за вработување на национално и локално ниво, образовни институции и бизнис сектор.

View the embedded image gallery online at:
http://www.esem.org.mk/en/index.php/what-we-do-now/2913-sekoj-gragjanin-ima-pravo-na-vrabotuvanje-i-pristap-do-pazarot-na-trudot.html?tmpl=component&print=1&layout=default&page=#sigFreeId2e961bd544