Втор ден: Обука за социјална отчетност и правно застапување

Зошто е потребно граѓаните да се вклучени во планирањето, спроведувањето и евалуацијата на законската регулатива и буџетот? Како се трошат народните пари? И дали сите граѓани имаат еднаков  пристап до здравствените услуги?

На вториот  ден од регионалната обука се дискутираше за горенаведените прашања и се отвори темата како да се превземат акции и стратегии за да се минимизира дискриминацијата на Ромите во здравствениот сектор и за правно зајакнување на оваа ранлива група како на локално, така и на национално ниво.

На учесниците им беа дадени примери како граѓанските организации кои работат во ромските заедници, како и самите Ромски заедници можат да имаат бенефит од вклучување во буџетскиот процес и буџетското застапување. Дополнително се разговараше за проблемите со кои се соочуваат преставниците/организациите и на кој начин да се решат истите со цел да се постигнат позитивни промени и подобрување на пристапот до здравствена заштита и степенот на користење на здравствените права на Ромите во регионот.

Конкретно, во Македонија, граѓаните не се информирани како правилно да ги читаат буџетските документи, и не се осмелуваат да бараат одговорност трошењето на буџетските средства од страна на институциите.  ЕСЕ ги презентираше главните чекори за процесот на мониторинг и анализа на буџети и буџетско застапување. И тоа: Идентификување на проблемот;  истражувањa и анализи; засегнатите страни и целни групи; планирање; превземање акција и мониторинг; евалуација и едукација.

Се со цел да можеме да влијаеме врз Владата за спроведување на еднакво респределување на буџетот во текот на целата година  и еднакво остварување на правото на здравје, мора постојано да се следи работата на институциите, да се следи трошењето на јавните пари и да се реагира за одговорност доколку истите не работат во интерес на граѓаните и доколку средствата не се трошат во насока на остварување на правата на граѓаните.